Riyaz Khaliq Khaliq
30 Декември 2021•Ажурирај: 31 Декември 2021
ИСТАНБУЛ
Кина објави санкции за пет американски државјани, вклучително и за поранешен министер за трговија, откако Вашингтон казни неколку кинески претставници поради репресијата на Пекинг врз Хонгконг, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Овие американски државјани кои се санкционирани не смеат да влезат во кинеското копно, Хонгконг и Макао, а нивните средства во Кина ќе бидат замрзнати. Исто така, забрането им е да тргуваат со кинески граѓани и институции“, рече Лиџијан Жао, портпарол на кинеското Министерство за надворешни работи, на прес-конференција во Пекинг.
„Меѓу санкционираните лица се и поранешниот министер за трговија, Вилбур Рос и претседателката на Комисијата за ревизија на економијата и безбедноста на САД и Кина (USCC), Каролин Бартоломеј“, објави кинескиот дневен весник „Глобал тајмс“.
Американскиот Стејт департмент и Министерството за финансии на САД минатата недела објавија нови санкции за пет кинески официјални лица според Законот за автономија на Хонгконг.
Санкционираните кинески службеници беа заменици-директори на Канцеларијата за врски на континентална Кина во Хонгконг. Тие веќе беа соочени со други санкции.
Вашингтон ги обвинува кинеските власти за „поткопување на демократијата во Хонгконг“.
Осудувајќи ги санкциите, Жао претходно го нарече потегот на САД „нелегален и неважечки“.
„Кинеската страна цврсто се спротивставува и најостро го осудува“, рече Жао на прес-конференцијата.
Од октомври минатата година, 39 кинески функционери се назначени според Законот за автономија на Хонгконг.
Вашингтон, исто така, ги предупреди банките за секаков вид трансакции со санкционираните лица.