Saadet Firdevs Aparı
22 Октомври 2022•Ажурирај: 24 Октомври 2022
ЊУЈОРК (АА) - Независната меѓународна истражна комисија на Обединетите нации (ОН) пронајде „разумни основи“ да заклучи дека воени злосторства и кршење на човековите права се извршени во Украина од почетокот на руско-украинската војна, известува Агенција Анадолија (АА).
Потсекретарката за политички прашања на ОН, Розмари ди Карло, изјави дека на состанокот на Советот за безбедност на ОН оваа недела на Генералното собрание е поднесен извештајот на Независната меѓународна истражна комисија и дека руските трупи се одговорни за поголемиот број утврдени прекршоци.
Во извештајот е утврдено дека и украинските сили во некои случаи го прекршиле меѓународното хуманитарно право.
Комисијата ги документираше случаите на вонсудски убиства, незаконски притвор, измачување, малтретирање, силување и други видови насилства извршени на подрачјето на Украина окупирано од руските воени сили.
Напоменувајќи дека повеќе од 6.000 цивили, вклучувајќи и 397 деца, се убиени, а 9.634 се ранети, Ди Карло рече дека вистинските бројки за билансот на страдањето во војната во Украина се веројатно многу поголеми од утврдените.
Ди Карло изрази посебна загриженост поради уништувањето на клучните енергетски постојки во последните руски напади во Украина и додаде дека поради тоа на екстремни потешкотии ќе бидат изложени милиони луѓе кои пред пристигнувањето на зимата се соочуваат со растечките цени на енергенсите.
Според податоците на Владата на Украина, од 10 октомври досега, во руските напади се погодени околу 30 % од енергетските објекти во земјата, меѓу кои и енергетските објекти во регионите на Киев, Днепар, Лавов, Харков и Суми.