Burç Eruygur
10 Април 2023•Ажурирај: 11 Април 2023
ИСТАНБУЛ (АА) - Кремљ соопшти дека постои тенденција да се обвинува Русија за „сè“, коментирајќи ги обвинувањата дека Москва можеби стои зад обелоденувањето на документите на американските разузнавачки служби за голем број земји, вклучително и Украина, јавува Анадолу.
„Не, не можам да го коментирам тоа на кој било начин. Сите знаеме дека тенденцијата постојано да се обвинува Русија за сè во моментов е широко распространета болест. Така што нема што да се коментира“, рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Запрашан да ги коментира медиумските извештаи дека Вашингтон можеби го шпионира украинскиот претседател Владимир Зеленски, Песков рече дека тоа не може да се исклучи.
Пентагон во петокот соопшти дека истражува откако на социјалните мрежи се појавија наводни снимки од доверливи документи на САД и НАТО поврзани со војната во Украина и други прашања.
Се верува дека документите, кои ги носат печатите на началникот на Здружениот генералштаб на САД, се фактички, но дел од содржината наводно е изменета.
Песков рече дека не постои иницијатива за воспоставување велигденско примирје во Украина, додавајќи дека Киев во минатото игнорирал какво било примирје предложено од Москва.