Aşkın Kıyağan
31 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
ВИЕНА (AA) - Премиерот на Австрија Себастијан Курц, по состанокот со премиерот на Унгарија Виктор Орбан во Виена изјави дека постоечкиот систем, кој предвидува распределба на бегалците во рамките на Европската унија (ЕУ), не функционира, јавува Anadolu Agency (AA).
„Потребно е на ниво на ЕУ да се воспостави нов систем за мигранти. Земјите кои примаат бегалци мора да одлучат кого ќе примат во Европа, а не криумчарите со мигрантите", рече Курц по состанокот на конференцијата за медиуми.
Додаде дека во текот на состанокот со Орбан разговарале за билатералните односи, како и за прашањето на иднината на ЕУ.
Истакна дека Унгарија, како што рече, не е само сосед на Австрија, туку и еден од нејзините најважни трговски партнери.
Нагласи и дека двете земји се согласни за прашањето на важноста на заштита на надворешните граници на Унијата како и запирање на илегалните миграции.
Орбан изјави дека миграциите се една од најголемите закани за иднината на Европа нагласувајќи дека континентот е втемелен на христијански вредности.
„Јас тука првенствено мислам на културната димензија, а не на верската. Ние живееме во христијанска заедница и овој начин на живот некако мора да биде заштитен. За нас овој облик на идентитет е важен. Според мое мислење, на Европа не и треба паралелна заедница. Мораме да ги заштитиме темелите на христијанските вредности", рече Орбан.
Порача и дека Унгарија поддржува проширување на ЕУ на земјите од Балканот.
Од друга страна, пред зградата на Владата на Австрија, група демонстранти, носејќи знамиња на ЕУ, протестираше поради посетата на Орбан во Виена.