Elena Teslova
09 Април 2018•Ажурирај: 09 Април 2018
МОСКВА (АА) - Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денес изјави дека турскиот претседател, Реџеп Таип Ердоган, никогаш не рекол дека Турција сака да го окупира подрачјето на Африн, во Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Зборувајќи на прес-конференцијата во Москва, Лавров изјави дека за Африн е разговарано на трилатералниот Самит во Анкара, кој се одржа на 5 април, во контекст на националната безбедност на Турција.
„Прашањето за Африн беше дискутирано во согласност со ставот, кој многупати беше изнесен од страна на турскиот претседател Ердоган, поточно Турција, во услови кога САД започнаа да се приближуваат кон курдските единици, со цел создавање одреден безбедносен појас на границата со Ирак, претседателот увиде закана во таквите намери и планови за интересите и безбедноста на Турција“, рече Лавров.
Во врска со присуството на Турција во Африн, тој истакна: „Претседателот Ердоган никогаш не нагласи дека Турција има за цел да го окупира Африн“.
„Ние сметаме дека наједноставен начин за нормализирање на ситуацијата во Африн, сега кога турските претставници рекоа дека ги постигнале основните цели во Африн, е да се врати територијата на Африн под контрола на сириската влада“, додаде тој.
Турција на 20 јануари ја започна операцијата „Маслинова гранка“ со цел остранување на терористите на ЈПГ/ПКК и ДЕАШ од Африн. На 18 март, 58. ден од операцијата, турските сили и припадниците на Слободната сириска војска го ослободија градот.
- Нападот со хемиско оружје -
Во врска со неодамнешниот напад со хемиско оружје во подрачјето на Источна Гута во Сирија, Лавров изјави дека тој бил извршен со цел покренување антируска кампања.
„Мислам дека многу од вас ги видоа сликите на деца и возрасни кои во голем број беа поливани со кофи вода од страна на лица кои немаа заштита од можното влијание на супстанцата, која ги погоди оние на кои им беше пружана помошта“, вели тој.
Лавров исто така додаде дека претставниците на Црвената полумесечина биле на местото на настанот и не нашле никакви траги од хлорин.
Говорејќи во врска со можните напади на САД врз Дамаск, како одговор на нападот со хемиско оружје, Лавров повтори дека руското Министерство за одбрана претходно ги спречило САД од ваквите дејства.
Францускиот министер за надворешни работи, Жан-Ив Ле Дриан, повика на свикување итен состанок на Советот за безбедност на ОН во врска со нападотна сирискиот режим, во кој загинаа десетици цивили.
Цивилната заштита „Бели шлемови“ соопшти дека над 70 цивили ги загубија животите откако силите на режимот на Башар ал-Асад извршија напад со хемиско оружје во Дума, Источна Гута.