Tayfun Salcı
29 Јануари 2017•Ажурирај: 30 Јануари 2017
ЛОНДОН (АА) - Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, регулативата на американскиот претседател Доналд Трамп за забраната за влез во САД на државјаните од седум муслимански земји ја нарече срамна и сурова, јавува Anadolu Agency (AA).
„Забраната на претседателот Трамп во врска со бегалците и мигрантите од некои земји е срамна и сурова“, рече Кан во писмена изјава. Според него, иако секоја земја има право да ја утврди мигрантската политика, новата политика на САД се коси со слободата и толеранцијата кои се темелни американските вредности.
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, истакна дека забраната ќе влијае и на Британците со двојно државјанство.
Градоначалникот најави соработка со властите за да им помогне на жителите на Лондон опфатени со забраната.
Покрај тоа, Џереми Корбин, лидерот на Лабуристичката партија, смета дека на Трамп не треба да му се дозволи да ја посетува Велика Британија, сè додека трае забраната против муслиманите.
Премиерката на Велика Британија, Тереза Меј, за време на официјалната посета на САД, на Трамп му ја врачи официјалната покана на кралицата Елизабета Втора, а Трамп изјави дека официјално ќе ја посети Велика Британија оваа година.
Додека Трамп беше кандидат за претседател на САД, во Велика Британија беше покрената петиција за да му биде спречен влезот во земјата.
Беа собрани околу 500.000 потписи и за неа беше дискутирано во Долниот дом на британскиот Парламент, но не беа преземени чекори за усвојување на забраната.