Erbil Başay
26 Јули 2022•Ажурирај: 27 Јули 2022
БЕРЛИН (АА) - Германската авиокомпанија „Луфтханза“ истакна дека откажала повеќе од илјада летови поради повикот на синдикатот „Верди“ утре да се стапи во целодневен предупредувачки штрајк, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на „Луфтханза“ се наведува дека предупредувачкиот штрајк што го најави синдикатот „Верди“ за утре има големо влијание на патувањата бидејќи е сред сезона, и дека утре е откажан речиси целиот распоред на летови во Минхен и Франкфурт.
Исто така се нагласува дека во Франкфурт се откажани вкупно 678 летови, од кои 32 се денеска и 646 за утре. Во Минхен нема да се реализираат вкупно 345 летови, од кои 15 се денеска и 330 утре.
Се нагласува дека најверојатно од откажувањето на летовите ќе бидат погодени 134.000 луѓе. Патниците кои се погодени од откажувањата на летовите ќе бидат информирани и доколку е можно ќе се упатуваат на алтернативни летови.
Се посочува дека поради летниот одмор што ќе започне викендов во Баварија и Баден-Виртемберг, компанијата „Луфтханза“ ќе се обиде брзо да ги врати своите летови во нормала.
Во соопштението, меѓу другото, се додава дека влијанието на штрајкот може да се почувствува и во четврток, на 28 јули, и петок, на 29 јули.
Михаел Нигеман, еден од директорите на компанијата „Луфтханза“, критикувајќи го предупредувачкиот штрајк рече дека ескалацијата на тензиите по дводневните преговори за колективен договор, кои беа позитивни, предизвикала голема штета.
Синдикатот „Верди“ упати повик за предупредувачки штрајк до 20.000 лица кои работат во „Луфтханза“ на аеродромите во Германија за утре од 3:45 часот до 6:00 часот во четврток, 28 јули.
Синдикатот бара зголемување на платите за 9,5 отсто. Се наведува дека „Луфтханза“ на вработените им понудила зголемување на платата во две фази од 250 евра за 18 месеци.
За колективните договори страните повторно ќе се сретнат на 3-4 август во Франкфурт.