Ikrame Imane Kouachi
28 Јуни 2024•Ажурирај: 01 Јули 2024
КУДС/ЕРУСАЛИМ (АА) - Израелскиот дневен весник „Једиот ахронот“ денес објави дека израелската војска ќе остане во коридорот Филаделфи, покрај границата меѓу Појасот Газа и Египет, најмалку шест месеци, пренесува Анадолу.
Весникот наведе дека во текот на осмата недела од офанзивата во Рафа, израелската војска открила 25 влезови на тунели покрај Коридорот Филаделфи, кои се протегаат околу 15 километри од населбата Тал ал-Султан на брегот на јужна Газа до израелската граница во близина на Керем Шалом.
Понатаму се наведува дека ќе биде потребно повеќе време за обезбедување и целосно уништување на 25-те досега откриени тунели, како и лоцирање на преостанатите тунели.
Неименуван израелски воен претставник, кој беше цитиран од весникот, изјави: „Сметам дека оваа операција ќе продолжи најмалку уште шест месеци, поради што е неопходно нашето постојано присуство во Коридорот Филаделфи поради нејзината бавна и сложена природа“.
Официјалниот претставник истакна дека за ова е потребно „постојано позиционирање на израелската војска и спроведување рации во блиските населби на Рафа со цел да се продлабочи успехот во нападите врз Хамас“.
Весникот, исто така, истакна дека израелската војска вели дека е при крај на својата воена офанзива врз Рафа во јужниот дел на Појасот Газа.
Израел, прекршувајќи ја резолуцијата на Советот за безбедност на ОН со која се бара итен прекин на огнот, се соочи со меѓународна осуда поради неговата континуирана брутална офанзива врз Газа, од нападот на палестинската група Хамас на 7 октомври 2023 година.
Оттогаш, повеќе од 37.700 Палестинци се убиени во Газа, од кои повеќето жени и деца, а над 86.400 се повредени, според локалните здравствени власти.
Во текот на осум месеци од почетокот на израелската војна, огромни делови од Газа се во урнатини, а владее блокада на храна, чиста вода и лекови.
Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата, чија последна пресуда му наложи веднаш да ја прекине воената операција во јужниот град Рафа, каде што над милион Палестинци побараа засолниште од војната пред започнувањето на копнената офанзива врз градот на 6 мај.