Alma Çekovic
10 Март 2016•Ажурирај: 11 Март 2016
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, предупреди дека затворањето на таканаречената балканска рута која ја користат бегалците „нема да го реши проблемот” и дека тој потег „не е одржлив без поширок одговор на ЕУ за бегалската криза”, пренесува Anadolu Agency (AA).
Германската канцеларка во изјава за државната радио-станица MDR, изјави дека проблемот не се решава со преземање еднострани одлуки.
„Затворањето на границите не е решение за целиот проблем. Наместо тоа треба да постои договор меѓу 28-те членки на ЕУ”, изјави германската канцеларка Ангела Меркел.
Нејзините изјави се спротивни на изјавите на претседателот на ЕУ, Доналд Туск, кој претходно ги поздрави промените, велејќи дека „балканските земји едноставно спроведуваат важен дел од планот на ЕУ за решавање на бегалската криза”.
Меркел истакна дека доколку не се постигне договор со Турција, Грција „нема да може да го поднесе товарот на подолг временски период”, пренесуваат германските медиуми.
Од друга страна, австриската министерка за внатрешни работи, Јохана Микл-Лајтнер, изјави дека балканската рута треба да остане трајно затворена.
Таканаречената балканска рута од вчера е практично затворена, откако Словенија го заостри режимот на влез во Шенген зоната и престана да им дозволува влез на бегалците без валидни пасоши и визи.
По одлуката на Словенија, истото го стори и Хрватска, додека Владата на Србија го усогласи функционирањето на границата кон Бугарија и Македонија со правилата кои ги воведоа тие членки на ЕУ.
Откако се објавени поостри ограничувања за влез на бегалците, Македонија во целост ја затвори својата граница со Грција, на чија територија моментално престојуваат неколку десетици илјади бегалци од блискоисточните земји.