Ayhan Şimşek
26 Август 2019•Ажурирај: 27 Август 2019
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка, Ангела Меркел, денес инсистираше дека треба да се постигне напредок во украинските мировни преговори, пред Русија да може да се врати во групата Г8 на водечките сили во светот, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Сакаме да видиме напредок во договорот од Минск“, изјави Меркел на заедничката прес-конференција со американскиот претседател, Доналд Трамп, пред нивниот состанок во рамките на самитот на Г7, одржан во францускиот крајбрежен град Бијариц.
Русија во 2014 година беше суспендирана од Г8 поради анектирањето на Крим, како и за нејзината политичка и воена поддршка за сепаратистите во источна Украина.
Спротивставените страни во февруари 2015 година во Минск потпишаа договор за прекин на огнот, но борбата продолжи, во која, според бројките на ОН, животот го изгубиле над 10.000 луѓе.
Трамп го повтори своето видување дека би било корисно повторното примање на Русија во групата Г7, признавајќи дека некои од лидерите не го делат неговото мислење.
„Некои луѓе се согласуваат со мене 100 %, но има и такви што не се согласуваат“, изјави тој.
- Тензии за тарифите помеѓу САД и Кина -
Прашан во врска со трговските тензии меѓу САД и Кина, Трамп рече: „Мислам дека сега сме во поцврста позиција за да склучиме договор, фер договор за сите.“
Германската канцеларка изрази надеж за намалување на тензиите.
„Би биле задоволни доколку се постигне добар договор меѓу САД и Кина. Затоа што тоа е во интерес на сите нас“, нагласи таа.