Erbil Başay
24 Јуни 2021•Ажурирај: 25 Јуни 2021
БЕРЛИН
Германската канцеларка Ангела Меркел истакна дека треба брзо да се реализира агендата за дијалог со Турција, со цел унапредување на соработката врз основа на заедничките интереси во Европската Унија (ЕУ),
Меркел имаше свое обраќање на Федералниот парламент пред Самитот на лидерите на ЕУ, на кое нагласи дека Европскиот совет и Европската комисија треба да предложат иницијативи за да се направат чекори за воспоставување партнерство со клучните земји во врска со миграцијата.
Таа рече дека покрај тоа, на Самитот очекуваат од Европската комисија да предложи конкретен предлог за продолжување на финансирањето на соработката на ЕУ со Турција во врска со миграцијата, додавајќи дека во Турција се регистрирани 3,7 милиони Сиријци.
„Јасно е дека само со дијалог со Турција можеме да ги решиме моменталните и идните проблеми со миграцијата. Според тоа што се договоривме во март, како ЕУ треба брзо да ја реализираме агендата за дијалог со Турција, со цел унапредување на соработката врз основа на заедничките интереси“, истакна таа.
Меркел нагласи дека треба да се унапредува стратешката соработка со Турција, иако, според неа, имале несогласувања во некои области.
Според Меркел, на Самитот на лидерите на ЕУ ќе се разговара и за односите со Русија, додека, како што рече таа, треба да се развиваат механизми со цел да се даде заеднички одговор против провокациите на Русија.
„Само на овој начин ќе се научиме да се спротивставиме на хибридните напади на Русија“, додаде таа.
Меркел истакна дека треба да се определува агендата на заедничките стратешки интереси со Русија. Таа побара од ЕУ директно да стапи во контакт со Русија и со рускиот претседател Владимир Путин.
Германската канцеларка рече дека не е доволно американскиот претседател Џо Бајден да се состане со Путин, туку, според неа, исто така, и ЕУ треба да организира формати за средби, бидејќи, според неа, споровите не може да се решаваат на друг начин.