Ahmet Gürhan Kartal
30 Мај 2017•Ажурирај: 30 Мај 2017
ЛОНДОН (АА) - „Подобар е никаков договор отколку лош договор“, истакна вчера британската премиерка Тереза Меј во врска со преговорите за Брегзит со Европската Унија, во пресрет на предвремените избори на 8 јуни, пренесува Аnadolu Agency (AA).
Меј за мрежата „Sky“ (Скај) изјави дека тоа е за фер спогодба со ЕУ во однос на финансиските обврски со кои ќе се соочи Обединетото Кралство пред напуштањето на Унијата.
Лидерката на Конзервативната партија повика на предвремени избори како израз на целосната поддршка на јавноста за новата влада, која ќе ги започне преговорите за Брегзит на 19 јуни.
Последните анкети покажуваат предност од пет поени на нејзината партија во однос на Лабуристичката партија водена од Џереми Корбин, кој исто така имаше свое одделно интервју за време на истата програма.
Меј истакна дека е подготвена да замине од преговарачката маса и без договор, во случај тој договор да не може да се финализира. „Подобар е никаков договор отколку лош договор“, истакна таа во интервјуто.
Лидерот на лабуристите, Џереми Корбин, нагласи дека неговата влада ќе ги започне претстојните преговори со почит кон ЕУ.
„Ќе направиме напори за обезбедување договор. Нема да ги започнеме преговорите со мегафон-дипломатија и со закани кон Европа со одреден вид на оф-шор даночен рај на брегот на Европа“, рече Корбин.