Ekip
02 Ноември 2020•Ажурирај: 03 Ноември 2020
БЕРЛИН
Министерот за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, Анвар Гаргаш, ги повика муслиманите да ги прифатат ставовите на францускиот претседател, Емануел Макрон, за наводната неопходност за интеграција на муслиманите, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Муслиманите треба внимателно да послушаат што Макрон изјави во својот говор. Тој не сака изолација на муслиманите на Западот и во потполност е во право“, изјави Гаргаш за германскиот весник „Ди велт“ (Die Welt).
Тој, исто така, изјави дека муслиманите треба да бидат подобро интегрирани во западното општество и дека француската држава има право да бара начини на кои тоа може да се стори, а истовремено да води борба против екстремизмот.
Франција веќе неколку години често е средиште на антиисламски активности, а посебно остри критики и реакции кај исламскиот свет предизвика францускиот претседател, Емануел Макрон, со својот говор за наводната криза на исламот и неопходноста за реконструирање на таа религија. Тој на 2 октомври ги обвини муслиманите во Франција дека негуваат некои дискриминаторски и сецесионистички идеи.
Францускиот министер за внатрешни работи, Жералд Дарманин, на 13 октомври изјави дека во рамките на борбата против радикалниот исламизам од почетокот на годината навака, во таа земја се затворени 73 џамии, училишта и деловни објекти. Тој, исто така, изјави дека го вознемируваат посебните полици во маркетите на кои се продаваат халал производи.
Француските официјални претставници под плаштот залагање за слобода на говорот продолжија да го поттикнуваат објавување на контроверзните карикатури во списанието „Шарли Ебдо“, во кои се навредува божјиот пратеник Мухамед. Претседателот на Франција, Макрон, изјави дека нема да биде спречено објавувањето на таквите карикатури, а кратко потоа на неколку јавни згради се појавија навредливи графити и карикатури за муслиманите.
Голем број муслимански земји, вклучувајќи ја и Турција, едногласно ги осудија нападите на исламот и муслиманите во Франција, а на социјалните мрежи се започнати кампањи против француските производи. Во некои земји на исламскиот свет од полиците во маркетите се отстранети француските производи.