Şerife Çetin
10 Септември 2018•Ажурирај: 11 Септември 2018
БРИСЕЛ (АА) - Според НАТО, воената вежба „Восток-2018“ што Русија ќе ја спроведе со 297.000 војници помеѓу 11-17 септември е фокусирана на голем конфликт и се совпаѓа со „агресивното“ однесување што во последно време го покажува московската администрација, јавува Anadolu Agency (AA).
Портпаролката на НАТО, Оана Лунгеску, во изјавата дадена за дописникот на АА истакна дека сите земји имаат право на воена вежба со своите безбедносни сили, но од клучно значење е тие вежби да бидат изведени на еден „транспарентен и предвидлив“ начин.
Потсетувајќи дека одговорните лица на Советот НАТО-Русија оддржан во мај оваа година разговарале за воената вежба „Восток-2018“, Лунгеску рече дека Русија информирала дека ќе биде направена посеопфатна вежба од „Восток-2014“.
- „Одговара на поагресивна Русија“
Лунгеску изјави дека НАТО одблиску ги следи сите руски вежби, вклучувајќи ја и воената вежба „Восток-2018“ и додаде: „Вежбата Восток покажува дека Русија е фокусирана на голем конфликт. Ова одговара на однесувањето на Русија во последните години. А тоа е агресивна Русија која го зголемува буџетот за одбрана и военото присуство“.
Лунгеску, исто така, изјави дека Русија од неодамна, особено на Балтичкото, Црното и Медитеранското Море, натрупа сериозна војска, и истакна дека Русија е подготвена по потреба да користи воена сила кон нејзините соседи Украина и Грузија.
- „Восток-2018“
Во воената вежба „Восток-2018“ која руската Армија ќе ја изведе од 11-17 септември во Сибир и истокот на земјата, ќе учествуваат 297.000 војници.
Во воената вежба ќе учествуваат и воени единици на Кина и Монголија. Исто така, во вежбата се очекува да учествуваат над илјада авиони, хеликоптери, беспилотни летала, приближно 36.000 тенкови, други оклопни возила и 80 воени брода.
Се предвидува дека воената вежба „Восток-2018“ ќе биде вежба со учество на најголем број војници од 1981 година наваму, кога во времето на Советскиот Сојуз беше изведена вежбата „Запад-81“.