Bayram Altuğ
16 Мај 2017•Ажурирај: 16 Мај 2017
РУАНДА (АА) - Националниот парк Акагера, кој се наоѓа на границата меѓу Руанда и Танзанија, привлекува посетители од целиот свет кои се љубители на животните што живеат на африканскиот континент, пишува Anadolu Agency (AA).
Паркот го добил името според реката Акагера, која храни неколку езера, а меѓу нив и езерото Ихема.
Националниот парк Aкагера, еден од најстарите во Африка, е основан во 1934 година. До 1997 година зафаќаше површина од 2.500 километри, а подоцна тоа подрачје е намалено на 1.122 квадратни километри.
Aкагера е еден од трите национални паркови во Руанда и опфаќа савани, реки, високи планини, а се претпоставува дека е дом на околу 10.000 цицачи и над 500 видови птици.
Големите и мали езера и реки се места каде што птиците преселници престојуваат одреден период.
Посетителите на паркот, кој привлекува внимание со своето зеленило и чистота, имаат можност во природно опкружување да видат антилопи, зебри, жирафи, мајмуни, биволи, слонови, нилски коњи коишто можат да тежат и до три тони, но и носорози, леопарди и лавови.
Туристите имаат можност секој ден, со првата утринска светлина да тргнат на сафари, но напуштањето на возилото е строго забрането, освен на местата за одмор.
Геноцидот што се случи во Руанда во 1994 година се одрази и на животните во паркот. Откако локалното население ги уништи сите лавови, Јужноафриканската Република на националниот парк Акагера во 2015 година му донираше два лава и две лавици. Бројот на лавови денес изнесува околу 20 и можат да се видат во северниот дел на паркот.
Локалното население кое живее на танзаниската страна на паркот се храни со месото од одредени диви животни, поради што Владата на Руанда околу паркот постави жица со електричен напон со цел да се заштитат животните.
До паркот, со возило може да се дојде за три часа од Кигали, главниот град, до кој има меѓународни летови. Влезот во паркот чини околу 40 долари.
За истата сума пари може да се добие професионален водич или волонтер, а паркот со возило може да се обиколи за за осум до 10 часа.
Постои можност и за сместување во одредени делови на паркот.
Националните паркови Акагера, Ниунгве и Вулкани се меѓу најзначајните туристички дестинации во земјата.