Ahmad Adil
16 Февруари 2025•Ажурирај: 17 Февруари 2025
ЊУ ДЕЛХИ (АА) - Најмалку 18 лица загинаа во стампедо на железничка станица во индискиот главен град Њу Делхи, јавува Анадолу.
Полицијата утрово го потврди билансот на загинатите во стампедото што се случи доцна синоќа.
Претставниците на железницата рекоа дека е покрената истрага за стампедото, за кое тие го обвинија неочекуваниот прилив на патници. Најавија исплата на отштета за семејствата на загинатите.
Портпаролот на железницата, Химаншу Шехар Упадјај, утринава на новинарите им изјави дека еден маж се лизнал и паднал низ скалите, соборувајќи повеќе луѓе кои стоеле зад него, што го предизвикало инцидентот.
Официјален претставник на Националните сили за одговор при катастрофи, Даулат Рам Чаудари рече дека ситуацијата на станицата сега е нормална и сите повредени се евакуирани.
Индиските железници најавија обештетување од околу 11.500 долари за семејствата на загинатите и околу 2.884 долари за тешко повредените во инцидентот.
Официјални лица изјави дека станицата забележала прилив на патници поради големиот број верници кои се качиле во возовите за Маха Кумб Мела, за да стигнат на најголемиот хинду фестивал во Индија, кој се одржува во пограничната држава Утар Прадеш.
И кон крајот на јануари, најмалку 30 луѓе загинаа во стампедо на истиот фестивал, кој се одржува на секои 12 години на бреговите на реката Прајаграј во Утар Прадеш. Фестивалот ќе трае до 26 февруари.
Прајаграј се смета за особено свето место за хиндусите, бидејќи е дом на Тривени Сангам, светиот слив на реките Ганг, Јамуна и митските реки Сарасвати.