Ekip
17 Мај 2022•Ажурирај: 18 Мај 2022
КИЕВ
Вкупно 264 украински војници, вклучувајќи 53 тешко ранети лица, се евакуирани од опколената фабрика за челик Азовстал во пристанишниот град Мариупол, соопшти украинскиот Генералштаб утринава, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Почна евакуацијата на 53 тешко ранети војници кои се префрлени во болницата во градот Новоазовск. Уште 211 војници се евакуирани од централата во Оленивка за да низ процедура на размена бидат префрлени во областа под контрола на украинската армија“, се вели во соопштението.
Покрај тоа, украинскиот Генералштаб информира дека Гарнизонот во Мариупол ја завршил својата борбена мисија и Врховната воена команда им наредила на командантите на воените единици во фабриката Азовстал да ги спасат преживеаните.
Во соопштението се истакнува дека продолжуваат напорите за спасување на преостанатите војници во Азовстал.
Во меѓувреме, во видео порака до нацијата објавено на неговиот канал на социјалната мрежа Телеграм, претседателот Владимир Зеленски рече: „На Украина и се потребни живи украински херои. Ова е нашиот принцип. Мислам дека секој адекватен човек ќе ги разбере овие зборови“.
Зеленски ги пофали активностите на вооружените сили на Украина, украинското разузнавање, преговарачкиот тим, Меѓународниот комитет на Црвениот крст и Обединетите нации и додаде: „Се надеваме дека ќе успееме да ги спасиме животите на нашите момци. Меѓу нив има и тешко ранети на кои им се укажува лекарска помош“.
Русија постигна договор со опколените украински војници за евакуација на ранетите во фабриката за челик Азовстал, соопшти денеска руското Министерство за одбрана.
„На 16 мај, како резултат на преговорите со претставници на украинските војници блокирани на територијата на металуршката фабрика Азовстал во Мариупол, беше постигнат договор за евакуација на повредените“, се вели во соопштението на руското Министерство.
Најмалку 3.668 луѓе се убиени, а 3.896 се ранети во Украина откако Русија ја започна војната на 24 февруари, проценуваат ОН, но се стравува дека вистинскиот биланс е многу поголем.
Над 6,2 милиони жители на Украина побегнаа во други земји, а околу 7,7 милиони се внатрешно раселени, информира Агенцијата за бегалци на ОН.