Најмалку 404 Палестинци убиени во најновите израелски напади во Газа
„Многу жртви сѐ уште се под урнатините и во тек се напори за нивно извлекување“

АНКАРА (АА) – Најмалку 404 Палестинци се убиени, а 562 други повредени во израелските воздушни напади во Појасот Газа денес, со што беше прекршен прекинот на огнот кој траеше речиси два месеца, соопшти Министерството за здравство, јавува Анадолу.
„Многу жртви сѐ уште се под урнатините и во тек се напори за нивно извлекување“, се додава во соопштението на Министерството.
Израелската војска рано утрово соопшти дека извела воздушни напади врз Појасот Газа, најголеми откако на 19 јануари стапи на сила прекинот на огнот со палестинската група Хамас.
Преку соопштение, Канцеларијата за медиуми на Владата на Газа истакна дека меѓу жртвите се цели семејства, кои се убиени заедно во израелските напади, нагласувајќи дека амбулантните и тимовите за цивилна одбрана не можат да ги однесат сите жртви во болниците.
„Овие брутални масакри уште еднаш потврдуваат дека израелската окупаторска армија го знае само јазикот на убивање, уништување и геноцид“, се вели во соопштението.
Се додава дека продолжувањето на масакрите во Газа доаѓа заедно со тековната задушувачка опсада што ѝ е наметната на Газа и целосното затворање на премините, со што се влошува хуманитарната криза и над 2,4 милиони Палестинци во Газа се лишени од основните потреби.
Канцеларијата за медиуми ја повика меѓународната заедница, вклучително и Советот за безбедност на Обединетите нации (СБОН) и групите за човекови права, да ја прекинат состојбата на неактивност и итно да дејствуваат за да стават крај на овие масакри во Газа.
Претходно израелската Армија соопшти дека напаѓа цели на Хамас во Појасот „за да ги постигне целите на војната, утврдени од политичкиот ешалон, меѓу кои и ослободување на сите наши заложници, живи и починати“.
Од своја страна, пак, групата Хамас соопшти дека израелската Влада ѝ објавила војна на Газа со прекршување на договорот за прекин на огнот.
„Бараме посредниците да ги сметаат Нетанјаху и ционистичката окупација за целосно одговорни за прекршувањето и поништувањето на договорот“, се вели во соопштението.
И покрај прекинот на огнот, локалните власти во Газа известуваа за речиси секојдневни прекршувања на договорот од страна на израелската Армија.
Во израелските напади, што започнаа од октомври 2023 година, убиени се над 48.500 Палестинци, повеќето жени и деца, а Газа е оставена во урнатини.
Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.