Ekip
07 Февруари 2019•Ажурирај: 07 Февруари 2019
ЈОХАНЕСБУРГ (АА) - Најмалку 5 лица загинаа во несреќата што денеска се случи во напуштен рудник во источниот дел на Јужноафриканската Република, јавува Anadolu Agency (AA).
Експлозија на метан се случи во рудникот Глорија во провинцијата Мпумаланга.
„Во овој момент можеме да потврдиме дека телата на петмина починати се извлечени од јамата. Речено ни е дека во јамата се заробени уште најмалку 22 лица“, соопшти ресорниот министер на оваа провинција, Спиди Машило.
Телевизијата „Enca“ соопшти дека акцијата за спасување привремено е прекината и дека спасителите се евакуирани од јамата поради недостиг на кислород.
Спасувачката акција ќе продолжи откако на местото на несреќата ќе биде донесена потребната опрема за обезбедување воздух во јамата.
Локалните медиуми информираат дека во несреќата настрадале лицата кои во напуштениот рудник влегле илегално за да крадат бакарна жица.