Ekip
14 Декември 2021•Ажурирај: 15 Декември 2021
ЖЕНЕВА
Температурата од 38 степени Целзиусови измерена на 20 јуни 2020 година во Верхојанск, Русија, признаена е како нов температурен рекорд на Арктикот, подрачје околу Северниот Пол, соопшти денес Светската метеоролошка организација (WMO), јавува Агенција Анадолија (АА).
„Измерената температура повеќе му одговара на подрачјето на Медитеранот отколку на Арктикот и измерена е на метеоролошката набљудувачка станица во текот на силниот и долг сибирски топлотен бран“, соопштија од Светската метеоролошка организација (WMO).
„Овој нов арктички рекорд е еден во низата пријавени набљудувања во Архивот на временски и климатски екстреми, кој е ѕвонче за тревога во нашата клима што се менува“, рече генералниот секретар на Светската метеоролошка организација (WMO), Петери Таалас.
Се додава дека во 2020 година исто така бил забележан нов температурен рекорд од 18,3 степени измерени на антарктичкиот континент.
Просечните температури над Арктичкиот Сибир во текот на летото минатата година се движеа дури 10 степени над просекот, предизвикувајќи разорни пожари, огромна загуба на морскиот лед, играјќи значајна улога во 2020 година, како една од трите најтопли години во историјата.
Арктикот е меѓу регионите со најбрзо затоплување на глобално ниво и се загрева повеќе од двојно од глобалниот просек.
Подрачјето го опфаќа Северниот Леден Океан со неговите рабни мориња, поголем број острови и потесен појас на северноамериканскиот и евроазискиот континент.
Истражувачите на Светската метеоролошка организација (WMO) моментално настојуваат да ги потврдат мерењата на температурите од 54,4 степени забележани во 2020 и 2021 година на најтоплото место на светот, Долината на смртта во Калифорнија, како и да го потврдат новиот пријавен европски температурен рекорд од 48,8 степени на италијанскиот остров Сицилија ова лето.