Recep Şakar
25 Септември 2018•Ажурирај: 25 Септември 2018
МЕЛБУРН (АА) - Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн, привлече големо внимание во јавноста со појавувањето на свечениот собир во њујоршкото седиште на ОН со нејзиното тримесечно бебе, Неве Те Ароха, јавува Anadolu Agency (AA).
Во пресрет на денешниот почеток на редовното 73. заседание на Генералното собрание на ОН во Њујорк, синоќа беше одржан Самит на мирот посветен на Нелсон Мандела, поранешниот јужноафрикански лидер кој е роден пред сто години.
Најголемо внимание на собирот привлече шефицата на новозеландската Влада, Ардерн, која во прегратките ја држеше својата тримесечна ќерка.
Весникот „Хералд“ („Herald“) пренесува дека сопругот на новозеландската премиерка, Кларк Гајфорд, кој исто така беше на собирот, на Твитер објави и акредитација со која тримесечното бебе присуствуваше на самитот во ОН. Акредитацијата беше насловена „Првото бебе на Нов Зеланд“.
„Камо среќа да можев да го снимам изразот на изненадност на лицата на членовите на јапонската делегација кои влегоа во просторијата во која го пресоблекувавме бебето, тоа беше одличен подарок за 21. роденден“, напиша Гајфорд.
Премиерката Ардерн на 27 септември би требало да се обрати во Генералното собрание на ОН, а не би било изненадување повторно да се појави со „првото бебе од Нов Зеланд“.
По поранешната премиерка на Пакистан, Беназир Буто, Ардерн е втората шефица на влада, која се породи за време на мандатот.