Ömer Faruk Yıldız
11 Ноември 2021•Ажурирај: 12 Ноември 2021
ЖЕНЕВА (АА) - Високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) соопшти дека бројот на присилно раселени лица во првата половина од оваа година е зголемен поради насилство и внатрешни конфликти, пренесува Агенција Анадолија (АА).
УНХЦР во Извештајот за првите шест месеци од годината се осврна на причините за раселувањето оваа година.
Според извештајот, во периодот јануари - јуни 2021 година бројот на раселени лица се искачи на 84 милиони, што значи зголемување во споредба со втората половина од претходната година.
Педесет и еден милион луѓе се раселени во своите земји. Најголемото внатрешно раселување е регистрирано во Африка.
Во првата половина на 2021 година, 1,3 милиони луѓе во Демократска Република Конго и 1,2 милиони во Етиопија ги напуштија своите домови поради насилството и внатрешните конфликти во нивните земји.
Исто така, во истиот период, внатрешните конфликти предизвикаа принудни раселувања во Мјанмар и во Авганистан.
Поради раселувањето, зголемен е бројот на бегалци во светот. Вкупниот број бегалци се приближи до 21 милион во првата половина на 2021 година.
Во истиот период азил побарале 71.800 лица од Централноафриканската Република, 61.700 лица од Јужен Судан, 38.800 лица од Сирија, 25.200 лица од Авганистан и 20.300 лица од Нигерија.
Од друга страна, во извештајот се наведува дека факторите како што се граничните мерки преземени поради појава на Ковид-19, несигурноста во храна и климатските промени ја влошиле хуманитарната состојба на раселените.