Ekip
15 Септември 2017•Ажурирај: 17 Септември 2017
РИМ (АА) - Според податоците на ОН, бројот на хронично гладните луѓе во светот повторно е во пораст, по една деценија опаѓање, наведувајќи ги како главни причини интензивираните конфликти, како и поплавите и сушите, јавува Anadolu Agency (AA).
Во годишниот извештај кој беше објавен во петокот, Обединетите нации информираат дека минатата година хронично потхранети биле 815 милиони луѓе, што е за 38 милиони повеќе од годината претходно.
Сепак, се додава дека тој број е сѐ уште под 900 милиони гладни, колку што беа забележани во 2000 година. ОН предупредува дека овие податоци се причина за поголема загриженост.
Од ОН нагласуваат дека уште 20 милиони луѓе се соочуваат со потенцијален глад во делови на Јужен Судан, североисточна Нигерија, Сомалија и во Јемен.
Водечките луѓе на најголемите агенции на ОН предупредуваат дека без заедничка акција, целта поставена од страна на владите во светот, да се стави крај на гладот и да се спречи неухранетоста, до 2030 година е недостижна.