Ruslan Rehimov
03 Април 2022•Ажурирај: 04 Април 2022
МОСКВА (АА) - Москва одлучи да отвори уште еден хуманитарен коридор во украинскиот град Мариупол за евакуација на цивилите и странските државјани на барање на претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган, соопшти руското Министерство за одбрана доцна синоќа, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Москва ќе обезбеди целосна помош за евакуација на цивилите и странските државјани во согласност со барањето на Реџеп Таип Ердоган до рускиот претседател Владимир Путин, соопшти Министерството.
Во соопштението се истакнува дека на 3 април во 00:00 часот по московско време, отворен е хуманитарниот коридор од Мариупол до Бердјанск при што се гарантира строго почитување на „режимот на молк“. Режим на тишина е називот за прекинот на огнот за одреден период во одредени области со цел евакуација на цивилите.
Странските државјани можат да патуваат од Бердјанск до областите контролирани од Украина или до Крим, кој е под контрола на Русија, се вели од Министерството.
Се истакнува дека и украинската страна на коридорот ќе биде реализирана доколку строго се почитува „режимот на молк“, а од администрацијата на Киев била побарана писмена потврда дека коридорот ќе биде подготвен за евакуација до 3 часот наутро по московско време.
Се вели дека Киев треба да достави писмена изјава до руската и турската страна дека ќе го почитува „режимот на молк“, како и до Меѓународната организација на Црвениот крст и до Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР).
Руската војна против Украина, што започна на 24 февруари, наиде на голема меѓународна осуда, поради што ЕУ, САД и Велика Британија, меѓу останатите, воведоа строги финансиски санкции кон Москва.
Во Украина досега загинале најмалку 1.325 цивили, а 2.017 се повредени, според проценките на Обединетите нации (ОН), кои стравуваат дека вистинските бројки се многу поголеми.
Над 4,1 милион Украинци ја напуштиле земјата и пребегале во други земји, а милиони се внатрешно раселени, според Агенцијата за бегалци на ОН.