свет

Палестински новинар жив изгоре по израелскиот воздушен напад врз јужниот дел на Газа

- Палестински новинар денес почина како последица на тешките изгореници што ги доби во израелскиот напад врз шаторот на новинари во градот Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа

Ahmed Asmar  | 08.04.2025 - Обновена : 09.04.2025
Палестински новинар жив изгоре по израелскиот воздушен напад врз јужниот дел на Газа

АНКАРА (АА) - Палестински новинар денес почина како последица на тешките изгореници што ги доби во израелскиот напад врз шаторот на новинари во градот Хан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.

Снимките од местото на настанот прикажуваат како новинарот на агенцијата „Палестина денес“, Ахмед Мансур, жив гори по нападот што се случи вчера во близина на болницата „Насер“, каде што беше поставен шаторот за новинарите.

Според државната новинска агенција ВАФА, Мансур починал денес во раните утрински часови.

Со неговата смрт бројот на загинати новинари во овој напад се искачи на двајца, а осуммина новинари се повредени.

Израелската армија вчера го потврди нападот, тврдејќи дека цел бил новинарот Хасан Елслајех, кого Тел Авив го обвинува дека е припадник на Хамас. Армијата соопшти дека Елслајех бил повреден во нападот.

Според локалните власти, најмалку 211 палестински новинари се убиени во израелските напади врз Појасот Газа од октомври 2023 година досега.

Израелската армија на 18 март ја обнови смртоносната офанзива во Газа, во која досега се убиени речиси 1.400 луѓе, а над 3.400 се повредени и покрај постигнатиот договор за прекин на огнот и размена на затвореници.

Претходната недела израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху најави интензивирање на нападите врз Газа, додека се спроведуваат напори за реализација на планот на американскиот претседател Доналд Трамп за раселување на Палестинците од енклавата.

Од почетокот на израелската офанзива во октомври 2023 година досега во Газа се убиени над 50.700 Палестинци, повеќето жени и деца.

Во ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и поранешниот министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел се соочува и со тужба за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради војната против енклавата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.