18 Септември 2022•Ажурирај: 19 Септември 2022
ЛОНДОН (АА) - Погребот на кралицата Елизабета Втора ја вклучува најголемата безбедносна операција што Лондон ја има видено досега, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, истакна дека државниот погреб на кралицата Елизабета Втора, што треба да се одржи утре (понеделник), претставува досега невиден безбедносен предизвик, со стотици илјади луѓе во центарот на градот и стотици гости на погребот, меѓу кои голем број светски лидери и членови на кралското семејство.
„Поминаа децении откако толкав голем број светски лидери беа собрани на едно место. Може да има луѓе кои сакаат да нанесат штета на поединци или на некои од светските лидери“, изјави Кан за Асошиејтед прес.
Тој додаде дека полицијата и безбедносните служби работат напорно за државниот погреб да се одвива без инциденти.
Заменик-помошникот на комесарот на Метрополитенската полиција, Стјуарт Канди, рече дека исклучително сложената полициска операција е најголемата во историјата на лондонските безбедносни сили и дека ги надминала Олимписките игри во Лондон во 2012 година.
Над 10.000 полицајци ќе бидат мобилизирани за утрешниот ден, заедно со засилување што ќе пристигне од цела Велика Британија.
Привремено е забрането летањето на дронови над центарот на Лондон, а аеродромот „Хитроу“ утре ќе приземји голем број летови со цел да спречи бучавата од авионите да го наруши одвивањето на погребот.
Властите се соочуваат со предизвикот да заштитат 500 светски лидери. Претседатели, премиери и членови на кралското семејство ќе се соберат на едно место пред да бидат однесени со автобус до Вестминстерската опатија.
Исклучок беше направен за американскиот претседател Џо Бајден, кој се очекува да пристигне со својата блиндирана лимузина.
Кралицата ќе биде погребана во капелата Свети Џорџ во замокот Виндзор покрај местото каде што е погребан нејзиниот сопруг, принцот Филип, кој почина минатата година на 99-годишна возраст.
Британскиот монарх со најдолг стаж, кралицата Елизабета Втора, почина на 8 септември во Шкотска на 97-годишна возраст.