Ekipa
02 Јануари 2020•Ажурирај: 03 Јануари 2020
БАГДАД (АА) - Милициите поддржани од Иран вчера се повлекоа од комплексот на американската Амбасада во Ирак, соопшти ирачката Армија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Демонстрантите ги демонтираа своите шатори пред Зелената зона во Багдад, близу реката Тигар“, се вели во соопштението на Командата на ирачките копнени сили.
Претходно вчера, преку соопштение, групата „Хашд ал-Шаби“, односно Народните мобилзациски сили, ги повика демонстрантите да го напуштат комплексот.
„Ги повикуваме демонстрантите пред американската Амбасада да го почитуваат повикот на ирачката Влада и да се повлечат од подрачјето заради заштита на државните институции.“
Во соопштението беше наведено дека демонстрантите ја доставиле својата порака до ирачката Влада за нивната длабока огорченост поради американските воздушни напади на милицијата „Катаиб Хезболах“, која е дел од групата „Хашд ал-Шаби“.
Откако првично го одбија повикот, демонстрантите постепено почнаа да ја напуштаат Амбасадата.
Во вторникот, илјадници ирачки демонстранти упаднаа во комплексот на американската Амбасада, протестирајќи поради неделните напади во Ирак и Сирија врз милицијата „Катаиб Хезболах“, во кои загинаа најмалку 25 борци.
Нападите беа изведени како одговор на ракетниот напад во петокот врз американската воена база во Киркук, за кој како одговорен беше земен „Катаиб Хезболах“.
Во нападот загина еден американски изведувач, а беа ранети четворица припадници на американската служба.
Ирачкиот премиер Абдулмехди во вторникот ги осуди воздушните напади врз ирачките воени елементи, но исто така ги предупреди оние што учествуваат на погребните маршеви да се држат настрана од странските претставништва.
„Ирачките безбедносни сили ќе одговорат на секој чин на агресија или вознемирување врз странските амбасади во Ирак, а одговорните ќе се соочат со целосната сила на законот“, рече Абдулмехди на Твитер.
Американскиот претседател, Доналд Трамп, во вторникот порача дека Иран ќе плати висока цена за каков било напад врз Амбасадата во Багдад.