Ekipa
30 Септември 2019•Ажурирај: 02 Октомври 2019
ЛАГОС (АА) - Најмалку 19 бремени жени и 4 деца се спасени од „фабрика за бебиња“ во градот Лагос во југозападна Нигерија, пренесува Anadolu Agency (AA).
Портпаролот на државната полиција, Елкана Бала, за АА изјави дека женските лица на возраст меѓу 15 и 28 години се спасени од објект за кој се верува дека се користи за трговија со луѓе и за други кривични дела.
„Две осомничени жени инаку медицински сестри се уапсени во врска со случајот, но ние трагаме понатаму по главниот осомничен, главното лице зад сево ова, кој е во бегство“, рече Бала.
Тој цитираше една од жртвите дека тие биле киднапирани од други делови на земјата и држени под постојан надзор во куќата во која биле силувани, каде што забременувале и раѓале бебиња кои потоа биле продавани.
„Тие ги продаваа машките бебиња за речиси 1.400 долари, додека женските бебиња се продаваа за цена од околу 830 долари“, рече тој.
„Фабриките за бебиња“ се чести на национално ниво, а агенциите за безбедност продолжуваат да се борат со случаите на куќите за тортура и киднапирања.