Alaattin Doğru
06 Август 2019•Ажурирај: 06 Август 2019
ДАКАР
Во бродската несреќа што се случи во провинцијата Централен Касаи во африканската држава Демократска Република Конго, животот го загубија 11 лица, а 50 се водат за исчезнати, јавува Anadolu Agency (AA).
Според вестите објавени во локалните медиуми, гувернерот на Централен Касаи, Диеудоне Пиеме, соопштил дека во реката Лукенје потонал брод, дека во несреќата животот го загубиле 11 лица, а 50 се водат за исчезнати.
Тој соопштил дека 16 лица се спасиле пливајќи, а преоптоварениот брод кој потонал, се движел на релацијата од подрачјето Коле кон главниот град Киншаса.
Оваа земја, благодарение на тропската клима е богата со големи пространства шуми, реки и езера, но надвор од големите градови тешко се наоѓа мрежа од копнени патишта.
Населението за патна комуникација ги користи реките во сливот на Конго и езерата, но поради староста на бродовите и нивната запоставеност, поради прекумерната оптовареност при користењето, често се случуваат бродски несреќи со смртни последици.
Во април годинава во езерото Киву сместено во источниот дел на ДРК потона брод, при што животот го загубија 142 лица. И во месец мај во езерото Маи-Ндомбе потона брод, а во оваа несреќа починаа 47 лица.