Dmitri Chirciu
25 Февруари 2019•Ажурирај: 25 Февруари 2019
КИШЊЕВ (АА) - Во новиот состав на Парламентот на Молдавија влегоа четири политички партии, но ниту една нема мнозинство за формирање Влада во земјата на југоистокот од Европа, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Молдавија вчера беа одржани предвремени парламентарни избори кои беа распишани во октомври минатата година, откако беше изгласана недоверба на Владата предводена од Демократската партија.
На изборите излегоа 49,22 отсто од нешто повеќе од три милиони регистрирани гласачи, а изборите би можеле да направат дополнителен јаз помеѓу прозападните и проруските групи во земјата.
Според прелиминарните резултати, релативен победник на изборите е Социјалистичката партија на актуелниот претседател на Молдавија, Игор Додон, која со проруската политика освои 31,32 отсто од гласовите.
Десниот блок (ACUM) се залага за проевропскиот и проатлантски пат на Молдавија, а на вчерашните избори освои 26,33 отсто од гласовите.
Демократската партија доби 23,93 отсто од гласовите, со што се потврди дека корупциските скандали резултирале со ерозија на гласовиите на партијата, која до пред неколку месеци беше водечка политичка опција во Молдавија.
Во молдавскиот Парламент, кој брои вкупно 101 пратеник, влезе и конзервативната Сор партија, која на изборите доби 8,41 отсто од гласовите.
Новоизбраниот состав на Парламентот, според Уставот, ќе има 45 дена да формира ново мнозинство и Влада, а доколку во тоа не успее, претседателот на Молдавија ќе го распушти Парламентот и ќе распише нови избори.