Ali Cura
07 Јануари 2022•Ажурирај: 08 Јануари 2022
НУР СУЛТАН
Казахстанскиот претседател Касим-Јомарт Токаев денеска изјави дека уставниот поредок на Казахстан е вратен во сите делови на земјата, јавува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението издадено од Претседателството, Касим-Јомарт Токаев за официјалните претставници на состанокот за борба против тероризмот изјави дека се спроведува антитерористичка операција, нагласувајќи дека силите за спроведување на законот биле распоредени и работеле напорно во поранешната советска земја.
„Уставниот поредок е воспоставен генерално во сите делови на земјата. Локалните власти ја контролираат ситуацијата. Но терористите сè уште продолжуваат да користат оружје и да го оштетуваат имотот на луѓето. Затоа, антитерористичката операција ќе продолжи сè додека милитантите целосно не се уништат“, рече тој.
Осврнувајќи се на распоредувањето на мировните трупи на Организацијата на Договорот за колективна безбедност (CSTO) во Казахстан, во соопштението се нагласува дека овие трупи дошле во централноазиската земја на „ограничено време за да ја исполнат функцијата на заштита и чување на стратешките места“.
Претходно, Токаев побара помош од ЦСТО, воен сојуз кој обединува шест поранешни советски републики и Русија, за да се стави крај на немирите во земјата, кои тој ги опиша како „терористичка закана“.
- Животот го загубија 26 демонстранти
Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека во нередите на антивладините протести смртно настрадале 26 демонстранти, а 18 се повредени.
Во соопштението на Министерството се наведува дека операцијата, која ја започнаа припадниците на безбедносните сили како дел од вонредната состојба, продолжила.
Беше кажано дека ситуацијата е ставена под контрола и дека се исчистени зградите на управата и општините во сите градови, а поставени се 70 контролни пунктови низ државата.
„Припадниците на безбедносните сили воспоставија јавен ред во Алмати и ставија под заштита стратешка локација. Продолжува акцијата за чистење на улиците“, се вели во соопштението.
Беше посочено дека нивото на закана од тероризам е подигнато на „критично црвено“.
Во соопштението се наведува дека повеќе од 3.000 луѓе биле приведени во немирите.
- Протести во Казахстан
Зголемувањето на цените на течниот нафтен гас и влошената социоекономска ситуација во Казахстан предизвикаа масовни протести кои избија на 2 јануари во западниот дел на земјата. За време на протестите дојде до судири меѓу безбедносните сили и демонстрантите, а претседателот Касим-Јомарт Токаев потоа ја прифати оставката на Владата на премиерот Аскар Мамин.
Протестите за поддршка во западните градови Атирау, Актобе и Орал, каде што се наоѓаат резервите на нафта и природен гас во земјата, се проширија и во другите делови на Казахстан и се претворија во јавни демонстрации.
Како што протестите се ширеа низ целата земја претходно истиот ден, Токаев прогласи вонредна состојба во градот Алмати и во регионот Мангистау, богат со нафта на запад, за периодот меѓу 5 и 19 јануари, за да ја одржи јавната безбедност. Тој, исто така, воведе полициски час во Алмати, поранешниот главен град на земјата, каде што илјадници луѓе излегоа на улиците.
Полицијата употреби шок-бомби и солзавец за да ги разбрка демонстрантите, на што тие одговорија со камења. Пријавени се и судири меѓу полицијата и демонстрантите, како и вандализирање и палење на полициски автомобили од страна на демонстрантите.
Токаев ја прифати оставката на Владата со претседателски декрет. Подоцна, демонстрациите достигнаа ниво на национално ниво, по што следуваше вонредна состојба низ целата земја.
Владата, исто така, во средата одлучи да воведе контрола на цените на ТНГ, бензинот, дизел-горивото и на основните прехранбени производи за 180 дена.