Ekipa
18 Ноември 2019•Ажурирај: 18 Ноември 2019
ХОНГКОНГ (АА) - Демонстрантите во кинескиот специјален административен регион Хонгконг започнаа да го напуштаат Политехничкиот универзитет што го окупираа, пренесува Агенција Анадолија (AA).
Стотици демонстранти утрово почнаа да го напуштаат кампусот на Политехничкиот универзитет поради загриженост дека ќе бидат приведени. Но, откако полицијата реагираше со солзавец, тие повторно се вратија назад. Подоцна полицијата на Хонгконг ги приведе демонстрантите кои го напуштаа окупираниот Универзитет.
Демонстрантите пак, кои се наоѓаа надвор од Универзитетот, ја блокираа улицата „Натан“ за да ја спречат полицијата да ги приведува демонстрантите. Полицијата интервенираше со солзавец, а демонстрантите фрлаа со камења кон полицијата.
Од друга страна, во соопштението на полицијата на Хонгконг се наведува дека е издаден налог за една повредена 20-годишна жена, која демонстрантите ја зеле од амбулантната кола.
Според соопштението, жената била приведена на улицата „Натан“ поради учество на нелегални состаноци и тие што ја зеле од амбулантната кола ќе се соочат со обвинение за „помагање криминалци“.
Исто така, во соопштението се посочува дека полицијата пукала во воздух откако демонстрантите ја запреле брзата помош и дека во настанот никој не е повреден.
Полицаец вчера беше ранет со стрела од страна на демонстрантите на Политехничкиот универзитет.
Полицијата во Хонгконг ја опиша окупацијата на Универзитетот како „бунт“.
Според официјалните податоци, околу 4.000 демонстранти се приведени од јуни.