Zehra Nur Düz
25 Август 2019•Ажурирај: 26 Август 2019
ХОНГКОНГ (АА) - Илјадници луѓе се собраа денес во Хонгконг во знак на протест против предложениот закон за екстрадиција, јавува Anadolu Agency (AA).
Демонстрантите, кои беа мобилизирани преку интернет, имаа протестна прошетка од Кваи Чунг до паркот „Цуен Ван“ и покрај обилните врнежи од дожд.
Автономниот регион, кој е под контрола на Кина од 1997 година, е место на протести од почетокот на јуни, против потегот на локалната власт да ја легализира екстрадицијата во Кина, Макао и Тајван.
Демонстрантите извикувајќи „Ослободете го Хонгконг“ протестираа против администрацијата на Пекинг, која ја обвинуваат дека се меша во автономноста на Хонгконг.
„Полицијата интервенираше дури и при мирните демонстрации“, изјави студентот Били за АА.
Студентот Алекс Чен пак, истакна дека тие ги организирале протестите за да ја заштитат својата иднина.
Безбедносните сили вчера подигнаа големи бариери и железна ограда околу полициската станица за да ја спречат толпата да влезе во станицата.
Полицијата, исто така, употреби солзавец против демонстрантите собрани во близина на полициската станица „Нау Тау Кок“ за време на вчерашните демонстрации.
- Зголемување на тензиите -
Кон крајот на јули, Кина предупреди дека може да распореди вооружени сили во регионот за да ги задуши антивладините демонстрации.
Предлог-законот беше доставен пред Парламентот во Хонгконг на 3 април, но неговото изгласување не успеа поради одлуката за негово дополнително разгледување.
Демонстрантите велат дека Пекинг ќе го искористи предлог-законот да екстрадира политички опоненти.
Тие во моментов бараат целосно повлекување на предлог-законот.
На протестите во Хонг Конг излегуваат од 100.000 до 1 милион луѓе, што претставува една седмина од вкупното население на Хонгконг, кое брои 7,4 милиони жители.