Burç Eruygur
01 Декември 2025•Ажурирај: 02 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) - Рускиот претседател Владимир Путин денес потпиша указ со кој се воведува безвизен влез во Русија за некои категории кинески граѓани за период до 30 дена, јавува Анадолу.
Указот, објавен на владиниот портал, овозможува безвизен влез во Русија за кинеските граѓани кои пристигнуваат во земјата од причини како што се бизнис и туризам, како и учество во научни, културни и спортски настани.
Мерката ќе остане на сила до 14 септември 2026 година, се вели во указот и се додава дека тој не се однесува на категориите кинески граѓани кои што доаѓаат за работа или образование.
Во септември, Кина објави безвизен режим за руските граѓани почнувајќи од 15 септември 2025 година до 14 септември 2026 година.
Претходно овој месец, Путин на состанокот со кинескиот премиер Ли Кијанг во Москва изјави дека зајакнувањето на билатералните контакти меѓу нивните народи ќе биде олеснето со одлуката на Пекинг да воведе безвизен режим за руските граѓани и дека слични одлуки ќе стапат на сила во Русија „многу наскоро“.
„Уверен сум дека ова ќе има многу значајни последици и во економската и во хуманитарната сфера. Според мене, ова ќе биде позитивен поттик за развојот на нашите односи“, додаде рускиот претседател.