Ekipa
07 Март 2017•Ажурирај: 08 Март 2017
СЕУЛ (АА) - Локални воени претставници денес соопштија дека Јужна Кореја и САД почнаа со распоредување на спорниот антиракетен систем ТХААД на Корејскиот Полуостров, јавува Anadolu Agency (AA).
„Распоредувањето може да заврши во рок од еден до два месеца, а може да биде во функција на почетокот од април“, истакна воен претставник од Сеул.
Претходно, американските сили го потврдија доаѓањето на две лансирни рампи од антиракетниот систем ТХААД во воздухопловната база Осан, јужно од Сеул, кои ќе бидат стационирани на околу 300 километри од главниот град, во Сонџу.
Министерството за надворешни работи на Кина повтори дека ќе ги преземе потребните чекори во однос на овој потег на САД и Јужна Кореја. Кина донесе забрана за туристичките агенции за продажбата на аранжмани на Јужна Кореја овој месец, како дел од низата неофицијални економски санкции.
Со речиси 30.000 американски војници стационирани во Јужна Кореја, ТХААД не е прво распоредување на американски систем на Полуостровот, но Пекинг е загрижен за потенцијалните можности за шпионирање на системот.
Сеул и Вашингтон го поставуваат системот со цел да се спротивстават на Северна Кореја, како резултат на понатамошното развивање на нуклеарно оружје од страна на оваа изолирана држава, како и поради вчерашното тестирање на четирите балистички ракети.