Abdula Berisha
26 Јули 2019•Ажурирај: 28 Јули 2019
СКОПЈЕ (АА) - Вршителот на должноста помошник државен секретар на САД за Европа и Евроазија, Филип Рикер, престојува во посета на Северна Македонија, каде што се сретна со премиерот Зоран Заев, по што двајцата одржаа заедничка прес-конференција, јавува Anadolu Agency (AA).
Премиерот Заев им се заблагодари на САД за нивната поддршка, изразувајќи благодарност и до американскиот официјален претставник, кој претходно беше амбасадор на САД во Северна Македонија. Заев рече дека САД го започнале процесот на ратификација на протоколот за членство во НАТО, додавајќи дека очекуваат дека до септември или октомври оваа постапка ќе биде завршена.
„За нашата земја е исклучителен поттик поддршката на САД во нашите аспирации за членство во ЕУ. Ние сме целосно посветени на реформската агенда на ЕУ и доставивме конкретни резултати во четири области, како што беше побарано од заклучоците на Советот на ЕУ во јуни 2018 година, во соработка се разбира, со опозицијата“, рече Заев, додавајќи дека се подготвени да соработуваат со опозицијата и за прашањето на Законот за јавно обвинителство.
Рикер рече дека САД се задоволни од постигнувањата на Северна Македонија, споменувајќи го потпишувањето на Преспанскиот договор со Грција, со што се затвори повеќегодишниот спор за името, нарекувајќи го „модел за изнаоѓање храбри решенија“.
Тој рече дека Комитетот за надворешни работи на Сенатот ја одобрил ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, додавајќи дека очекува земјата да стане полноправна членка за време на самитот што ќе се одржи во Лондон во текот на месец декември.
„Исто така, имав можност да го потсетам премиерот дека САД, иако не се членка на ЕУ, навистина ја поддржуваат Северна Македонија во своите европски перспективи и имајќи предвид дека патувам низ Европа и се сретнувам со колеги, на билатералните средби ги охрабруваме земјите членки на ЕУ да отпочнат разговори за пристап со Северна Македонија оваа есен“, рече Рикер.
Освен со премиерот Заев, американскиот дипломат ќе се сретне со претседателот на државата, Стево Пендаровски, спикерот на Парламентот, Талат Џафери, и други претставници на политичкиот живот во Северна Македонија.