Burç Eruygur
01 Април 2024•Ажурирај: 02 Април 2024
ИСТАНБУЛ (АА) - Русија побара од Украина да го уапси и екстрадира Васил Маљук, шеф на Украинската служба за безбедност, и други вмешани во „терористички акти“ во Русија, јавува Анадолу.
Руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Москва побарала од Киев „веднаш да ги уапси и екстрадира“ лицата вклучени во „терористичките акти“ во земјата од почетокот на руско-украинската војна пред повеќе од две години.
Наведувајќи дека барањето е поднесено во согласност со Меѓународната конвенција за сузбивање на терористички бомбашки напади и Меѓународната конвенција за сузбивање на финансирањето на тероризмот, во соопштението се наведува дека Маљук е еден од оние кои се вклучени во ваквите акти.
„На 25 март, Маљук цинично призна дека Украина стои зад бомбардирањето на Кримскиот мост во октомври 2022 година и откри детали за организацијата на други напади во Руската Федерација“, се вели во соопштението.
Се додава дека истрагата за нападот на концертната сала Крокус, во близина на руската престолнина Москва на крајот на минатиот месец, во кој беа убиени повеќе од 140 луѓе, укажала на Украина.
„Руската страна бара режимот во Киев веднаш да престане со секаква поддршка за терористички активности, да ги екстрадира сторителите и да ги обесштети жртвите“, се додава во соопштението.
Како одговор на барањето на Русија, Маљук за украинските медиуми изјави дека Москва заборава дека е распишана меѓународна потерница по рускиот претседател Владимир Путин.
„Значи, сите зборови на руското Министерство за надворешни работи се безвредни. Всушност, има само една изјава што може да ја даде Руската Федерација, на која вреди да се обрне внимание - да го објави на целиот свет својот пораз во војната и повлекувањето на своите трупи од украинското тло“, рече тој.
Маљук беше обвинет во отсуство од Судот во Басман во Москва минатата недела за „терористички напад“, објави руската државна новинска агенција ТАСС.