Burç Eruygur
16 Јануари 2023•Ажурирај: 17 Јануари 2023
МОСКВА (АА) - Руските и белоруските сили денес започнаа заеднички воени вежби за тактичко летање во рамките на Регионалната група на силите (РГВ), кои треба да траат до 1 февруари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Главната цел на вежбата е да се зголеми оперативната компатибилност во заедничкото извршување на задачите“, се вели во соопштението на белоруското Министерство за одбрана.
За време на вежбите, меѓу другото, ќе се врши извидување од воздух, заедничко патролирање во воздушниот простор, воздушна поддршка на воени групи, тактичко јуришно слетување, како и испорака на стока и евакуација на повредените.
„Со цел да се осигура извршувањето на вежбите, вклучени се сите аеродроми и полигони на Военото воздухопловство и противвоздушната одбрана на Вооружените сили на Република Белорусија“, се додава во соопштението.
Претходно, белоруското министерство, исто така, објави дека 120-та Механизирана бригада на Белорусија започнала со заеднички вежби со руските сили во рамките на Регионалната група на силите.