Elena Teslova
09 Јуни 2020•Ажурирај: 09 Јуни 2020
МОСКВА (АА) - Израелските опасни планови за анексија на палестинските територии можат да предизвикаат понатамошно незадоволство и насилство, уништувајќи ги изгледите за дводржавното решение, предупреди денес висок руски дипломат, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Во блиска иднина новата коалициска Влада на Израел може да започне практични чекори за спроведување на своите наведени планови за анексија на палестинските територии“, изјави Михаил Богданов, рускиот заменик-министер за надворешни работи.
„Сметаме дека таквиот развој на настаните ќе биде многу опасен. Се согласуваме со оценките и предупредувањата во овој поглед, во последните одлуки на Арапската лига за ова прашање“, додава Богданов.
Арапската лига го окарактеризира планот како воено злосторство.
Во изјавата за египетскиот весник „Ал Ахрам“, Богданов предупреди: „Анексијата на дел од палестинските територии од страна на Израел не само што ќе стави крај на изгледите за дводржавно решение, туку најверојатно ќе предизвика нов бран насилства во Палестина, дополнително разгорувајќи го акутното незадоволство.“
Богданов додаде дека Русија останува посветена кон дводржавното решение врз основа на меѓународното право, и дека сака да види започнување директни израелско-палестински разговори под покровителство на ОН.
Охрабрен од т.н. „Договор на векот“, Израел планира официјално да анектира делови од Западниот Брег на 1 јули, што е договорено меѓу премиерот Бенјамин Нетанјаху и шефот на партијата Сино-бели, Бени Ганц.
Планот предизвика меѓународна осуда и големо незадоволство.
Западниот Брег и Источен Ерусалим се сметаат за окупирани територии според меѓународното право, со што сите еврејски населби таму, како и планираната анексија, се илегални.