Elena Teslova
03 Февруари 2020•Ажурирај: 04 Февруари 2020
МОСКВА (АА) - Рускиот премиер Михаил Мишустин денеска потврди дека е наредено протерување на странците кои се заразени со коронавирусот, јавува Агенција Анадолија (АА).
Премиерот нареди коронавирусот да се стави на листата високозаразни болести, што овозможува наметнување построги мерки кон странските граѓани со симптоми на болеста, меѓу кои карантин и протерување.
„Сега, тој [новиот вид коронавирус] е додаден на списокот на високозаразни болести. Ова ќе овозможи депортирање странски државјани, доколку се утврди дека се заразени и воведување посебни рестриктивни мерки, меѓу кои изолација и карантин“, рече Мишустин на дневниот брифинг со вицепремиерите во Москва.
Мишустин потсети и дека Русија ја затвори границата со Кина, го прекина сообраќајот на руско-монголската граница и привремено забрани издавање на групни, туристички и работни визи за кинеските државјани.
Рускиот премиер го одложи и одржувањето на Инвестицискиот форум во Сочи закажан за средината на февруари, каде што 500-2.000 пријавени учесници се од државите во кои официјално се регистрирани случаи на коронавирус.
Бројот на починати од новиот тип на коронавирус изнесува 361 лице, а бројот на заразени од вирусот се искачи на 17.205 лица, од кои 2.296 лица се наоѓаат во тешка состојба.
Се смета дека вирусот, кој за првпат се појави во кинескиот град Вухан, е пренесен на луѓето од животни, поточно од лилјаците. Со цел спречување на ширењето на вирусот, Кина под карантин го стави целиот град.
Освен во Кина, вирусот се рашири и во Јапонија, Јужна Кореја, Тајланд, САД, Сингапур, Франција, Виетнам и Канада, а на Филипините има една жртва од вирусот.
Според Светската здравствена организација (СЗО), првиот смртен случај надвор од Кина е регистриран на Филипините. Станува збор за 44-годишен маж кој во саботата почина од коронавирусот на Филипините. Пациентот е кинески државјанин од градот Вухан.
Патниците од Кина се прегледуваат за вирусот на аеродромите низ светот.