Elena Teslova
02 Ноември 2022•Ажурирај: 03 Ноември 2022
МОСКВА (АА) - Русија соопшти дека се враќа на спроведувањето на Договорот за коридорот за жито преку Црно Море, склучен во јули, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Благодарение на учеството на Обединетите нации и поддршката на Туркије успеавме да ги добиеме потребните писмени гаранции од Украина во врска со договорот за жито“, се истакнува во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Во соопштението се додава дека Русија ги смета за доволни гаранциите дадени од Украина и дека ја продолжува имплементацијата на договорот.
Во саботата Министерството објави дека Русија го прекинува учеството во договорот поради нападите врз руската Црноморска флота на пристаништето Севастопол.
На 22 јули, Туркије, Обединетите нации, Русија и Украина потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа преку Црно Море, кој беше прекинат по почетокот на Руско-украинската војна во февруари. Во рамките на договорот извезени се околу 10 милиони тони жито.
Обединетите нации, Соединетите Американски Држави, Туркије и други земји и меѓународни актери ја истакнаа својата желба за продолжување на договорот.