Elena Teslova
12 Април 2022•Ажурирај: 13 Април 2022
МОСКВА (АА) - Над 42 украински војници го положија оружјето и се предадоа во градот Мариупол, објави денес руското Министерство за одбрана, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Тие беа меѓу 100-те украински војници што се вклучија во ноќна битка со руските сили во неуспешниот обид да избегаат од градот под опсада“, изјави портпаролот на Министерството, Игор Конашенков, на утринскиот брифинг со новинарите во Москва.
„Како резултат на тоа, три украински тенкови, пет оклопни возила и седум автомобили беа уништени во борбите во кои загинаа околу 50 луѓе“, рече Конашенков.
„Група украински војници од 100 луѓе во оклопни возила се обидоа да се изборат да излезат од фабриката [за челик и железо „Илич“] и да го напуштат градот во правец на север. Овој обид за пробив беше спречен со воздушни напади и артилерија“, додаде тој.
Истакна и дека со оружје со висока прецизност уништено е складиште за муниција и хангар на аеродромот 'Староконстантиново' во западната област Хмелницки, заедно со складиште за муниција во регионот на главниот град Киев.
Конашенков додаде дека руските авијациски сили погодиле 32 украински воени цели во текот на ноќта, вклучувајќи еден систем за воздушна одбрана „Бук-М1“, радар и систем за осветлување на системот за противвоздушна одбрана „С-300“, командно место и 18 области на концентрација на воена опрема.
„Системите за противвоздушна одбрана соборија две беспилотни летала во близина на Бердјанкс и Мелитопол“, рече тој.
„Вкупно, од почетокот на специјалната воена операција уништени се 130 авиони, 99 хеликоптери, 244 системи за противвоздушна одбрана, 443 беспилотни летала, 2.139 тенкови и други оклопни борбени возила, 241 повеќекратен ракетен фрлач, 917 теренски артилерии и минофрлачи, како и 2.046 единици специјални воени возила“, рече тој.
Во посебна изјава, украинскиот претседател Владимир Зеленски рече дека илјадници луѓе се убиени во Мариупол.
Во обраќањето пред јужнокорејскиот Парламент, Зеленски побара оружје и воена опрема, предупредувајќи дека Русија може да започне голема воена офанзива оваа недела, иако нејзините војници се „деморализирани“.
Русија, од своја страна, рече дека Киев се подготвува за контраофанзива меѓу 18 и 22 април.
Најмалку 1.842 цивили загинаа и 2.493 повредени во Украина откако Русија ја започна војната на 24 февруари, според проценките на ОН, а се стравува дека вистинската бројка е многу поголема.
Според Агенцијата за бегалци на ОН, околу 4,6 милиони Украинци побегнале во други земји, а милиони се внатрешно раселени.