Burak Bir
08 Октомври 2022•Ажурирај: 10 Октомври 2022
АНКАРА
Три лица загинаа во експлозијата што ова утро се случи на мостот кој ги поврзува Крим и Русија, соопштија руските истражители, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Рускиот антитерористички комитет соопшти дека стратешкиот мост е оштетен поради експлозија на камион бомба.
Комитетот соопшти дека возачот на камионот што удрил во Кримскиот мост, предизвикувајќи огромна експлозија и пожар, бил жител на рускиот краснодарски предел.
Поради експлозијата во утринските часови запрен е патниот и железничкиот сообраќај на мостот.
Иако Украина директно не ја презеде одговорноста за нападот, бројните изјави на највисоките украински официјални лица укажуваат на таква можност.
Михајло Подољак, советникот на украинскиот претседател, изјави дека она што се случило на мостот е само „почеток“.
„Сѐ илегално мора да биде уништено, сѐ украдено мора да биде вратено во Украина, сѐ окупирано мора да биде протерано“, објави Подољак на социјалната мрежа Твитер.
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Руската Федерација, Марија Захарова, изјави дека „реакцијата на киевскиот режим со уништување на цивилната инфраструктура сведочи за нивната терористичка природа“.
Кримскиот мост, познат и ако Керчки мост, е патно-железнички мост кој ги соединува рускиот град Керч и Крим.
Мостот е отворен во 2018 година, откако Русија го анектираше Крим во 2014 година, територија што претходно беше под управа на Украина, што предизвика воведување санкции кон Русија и влошување на односите со Западот.