Ruslan Rehimov
07 Април 2016•Ажурирај: 07 Април 2016
БАКУ (АА) – Министерот за надворешни работи на Русија, Сергеј Лавров, кој пристигна во Азербејџан за да присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на Русија-Иран-Азербејџан, беше примен од страна на претседателот Илхам Алијев, јавува Anadolu Agency (AA).
Во разговорот на приемот Алијев рече дека е задоволен што првиот состанок на трите министри ќе се одржи во Баку и дека трите земји од регионот се на почетокот од една сериозна соработка.
Алијев во својата изјава истакна дека Азербејџан е единствена земја која се граничи со Русија и со Иран и дека взаемната соработка помеѓу трите земји треба да се продлабочи во повеќе насоки.
Надоврзувајќи се на судирите на линијата на фронтот помеѓу Ерменија и Азербејџан и подоцна воспоставениот прекин на огнот, Алијев изјави: „Можеше да се почитува прекинот на огнот, но за жал Ерменија го наруши договорот. Ние сме фокусирани на продолжување на процесот на преговори. Азербејџан е посветен на процесот на преговори“.
Лавров истакна дека трите земји имаат заеднички геостратегиски и геополитички интереси на полето на транспортните коридори, развојот на економските односи како и во областа на енергетиката. На средбата со своите колеги од Иран и Азербејџан, ќе се обидат да создадат политичка состојба во чии рамки би се овозможила реализација на проектите за транспорт и енергетика, посочи Лавров.
Лавров истакна дека е потребно да се намали затегнатата состојба на линијата на фронтот меѓу Ерменија и Азербејџан и додаде:
„Се надевам дека за решавањето на настанатата ситуација со поактивна работа ќе се изнајде политичко решение. Во целост ја поддржуваме иницијативата на ко-претседателите на Минск групата на ОБСЕ. Потребно е покрај ОБСЕ, напомош да дојде и Меѓународната организација на Црвениот Крст и во најкраток временски период да се создаде основа за обновување на политичкиот процес“.