Michael Gabriel Hernandez
15 Декември 2020•Ажурирај: 16 Декември 2020
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот Изборен колеџ ја потврди победата на новоизбраниот претседател Џо Бајден над претседателот во заминување Доналд Трамп, јавува Агенција Анадолија (АА).
Бајден го надмина потребниот праг од 270 гласови, откако електорите се состанаа во сите 50 држави и Дистриктот Колумбија за да ги дадат своите гласови во согласност со изборните резултати на нивните територии.
Со исклучок на Хаваи, единствената држава која сè уште не гласала, Бајден има 302, додека Трамп има 232 електорски гласа, според повеќе извештаи. Бајден се очекува да ги додаде четирите гласови на Хаваи на неговото конто со очекуван конечен резултат од 306 гласа.
Иако е можно кандидатот да го добие претседателското место, а да ги загуби гласовите од народот, како што беше случајот со Трамп во 2016 година, оваа година Бајден го надмина вкупниот број гласови за Трамп за околу 7 милиони гласа.
Заседавањето на Изборниот колеџ обично е малку забележлива формалност и главно е процедурален чекор на патот кон денот на инаугурацијата. Но, одбивањето на Трамп да го признае исходот, и повторуваните неосновани обвиненија за голема измама на гласачите оваа година му дадоа дополнително значење.
Следниот процедурален чекор ќе се одржи на 6 јануари кога ќе се состане Конгресот на заедничка седница за официјално, формално, да се избројат гласовите на Изборниот колеџ.
Бајден се сметаше за победник во претседателската трка за Белата куќа уште на 7 ноември, четири дена по изборите, кога многу медиуми го прогласија за победник откако го надмина прагот од 270 електорски гласа.