Zehra Ulucak
22 Август 2020•Ажурирај: 23 Август 2020
САН ФРАНЦИСКО (АА) – Американската сојузна држава Калифорнија, која беше погодена од топлотен бран, се соочува со еден од најголемите пожари во својата историја, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во Калифорнија, претежно во северните делови, активни се 560 пожари.
Властите изјавија дека некои од пожарите во последните 24 часа се двојно раширени и дека пожарот, кој е активен во густото шумско подрачје, им се заканува на десетици илјади домови.
Поради пожарите евакуирани ќе бидат најмалку 100 илјади лица.
На гаснењето на пожарите низ целата сојузна држава работат 12.000 пожарникари.
Властите изјавија дека во тековните пожари во областите Солано и Напа и во централниот дел на државата животот го загубиле 5 лица, по 2 лица се трага, а повредени се 33 цивили.
Поради пожарите, само на југот на Сан Франциско евакуирани се 48.000 луѓе.
Гувернерот на Калифорнија, Гавин Њусом, претходниот ден изјави дека пожарите биле предизвикани од високите температури и молњите. Во последните 72 часа регистрирани се 11.000 молњи.
Во Калифорнија шумскиот пожар „Камп“ кој започна на 8 ноември 2018 година предизвика штета од 16,5 милијарди долари.
Шумскиот пожар што започна во градот Рај во северниот дел на државата уништи околу 14.000 куќи, над 500 бизниси и приближно 4.300 згради. Во пожарот животот го загубија над 80 луѓе.