Betül Yürük
17 Јуни 2020•Ажурирај: 17 Јуни 2020
ЊУЈОРК
Постојаната претставничка на Соединетите Американски Држави (САД) во Обединетите нации (ОН), Кели Крафт, најави дека администрацијата на Трамп ќе воведе санкции на режимот на Башар ал Асад за да спречи режимот да постигне воена победа во Сирија и да го врати режимот и неговите сојузници на преговарачка маса, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Администрацијата на Трамп утре ќе преземе решителни чекори за да го спречи режимот на Асад да постигне воена победа и да го врати режимот и неговите сојузници во политички процес под покровителство на ОН“, рече Крафт во својот говор во Советот за безбедност на ОН.
Наведувајќи дека САД настојуваат да го лишат режимот на Асад од изворите на приходи кои ги користи за насилство и кршење на човековите права, Крафт рече оти се надева дека на тој начин ќе бидат отстранети бариерите пред мирот и политичкиот процес.
Исто така додаде дека американскиот претседател Трамп санкциите ќе ги спроведе во согласност со Законот за цивилна заштита во Сирија - Цезар, а тие имаат цел да ги одвратат оние кои ги поддржуваат злосторствата на режимот над сопствениот народ.