Safvan Allahverdi
03 Април 2018•Ажурирај: 04 Април 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Властите на Сoединетите Американски Држави (САД) ќе го разгледаат барањето за испорачување на Фетула Ѓулен, водачот на терористичката организација ФЕТО, кој се поврзува со убиството на рускиот амбасадор во Анкара во 2016 година, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Ќе ги разгледаме сите материјали кои турската војска ќе ни ги достави за овој случај и ќе донесеме одлука за евентуално испорачување врз основа на фактите и релевантните американски закони“, изјави портпаролот на Министерството за правда, Никол Навас Оксман, за руската новинска агенција ТАСС.
Рускиот амбасадор Андреј Карлов е убиен на 19 декември 2016 година во Анкара. Атентатот го изврши турскиот полицаец Мевлут Мер Алтинташ, кој не беше на должност, а беше поврзан со терористичката организација ФЕТО.
На чело со Фетула Ѓулен, ФЕТО на 15 јули 2015 година, со посредство на свои инфилтрирани поданици во турската војска, полицијата и другите институции изврши обид за воен удар во Турција.
Атентатот на рускиот амбасадор Карлов беше извршен во Уметничката галерија во Анкара, во моментот на неговото обраќање пред присутните на изложбата. Атентаторот му пријде и го усмрти со куршуми од пиштол, а полицијата го неутрализираше напаѓачот.
Убиството на амбасадорот Карлов се случи во екот на нормализацијата на турско-руските односи, а Карлов беше еден од важните актери во тој процес.
Со истрагата е утврдено дека атентатот е поврзан со терористичката организација ФЕТО, која се обиде да го претстави нападот како дело на екстремистичките групи.
Досега се уапсени три лица кои се сомничат за поврзаност со атентатот, а државниот турски обвинител соопшти дека атентаторот Алтинташ се познавал и лично со Ѓулен.