Alma Çekovic
04 Август 2016•Ажурирај: 05 Август 2016
ЛОНДОН (АА) - Градоначалникот на Лондон, Садик Кан, ги повика жителите на британската престолнина да останат мирни и претпазливи, по синоќешниот напад во центарот на главниот град во кој напаѓачот со нож усмрти едно, а рани пет лица, јавува Anadolu Agency (AA).
„Ги повикувам жителите на Лондон да останат мирни и претпазливи. Ве молам, пријавете ја секоја сомнителна работа на полицијата. Улогата на сите нас е да им помогнеме на полицијата и на безбедносните служби со цел да се осигураат дека Лондон ќе биде заштитен”, се наведува во соопштението на лондонскиот градоначалник.
Градоначалникот на Лондон претходно изјави дека британската престолнина ќе ги преиспита своите безбедносни постапки по неодамнешните напади во Франција. Тој изјави дека сака да ги увери сите жители на Лондон дека полицијата ќе стори сè што е можно за главниот град на Британија да биде безбеден.
Лондонската полиција тврди дека инцидентот се случил на плоштадот „Расел” во 22:30 часот. Нападот го извршило 19-годишно момче чиј идентитет не е познат, а кое е уапсено.
Како што пренесува Би-би-си повикувајќи се на полициските извори, „менталното здравје на момчето игра значајна улога во целиот инцидент”, додека другите истакнуваат дека „не треба да се исклучи ни можноста од тероризам”.
Како последица на ранувањето со нож, на местото на нападот почина едно женско лице, чиј идентитет не е утврден, но се верува дека станува збор за постаро лице.
Новиот напад се случува по вчерашната најава на британските власти за вработување и распоредување на дополнителни 600 вооружени полицајци на улиците на Лондон.