Mahmut Geldi
30 Април 2018•Ажурирај: 30 Април 2018
РИЈАД (АА) - Во близина на Ријад, главниот град на Саудиска Арабија, поставени се темелите на „Кидија“ („Qiddiya“), кој ќе биде еден од најголемите центри за забава во светот, јавува Anadolu Agency (AA).
На церемонијата за поставување на темелите на центарот, кој треба да биде изграден на подрачјето 40 километри западно од Ријад, на површина од 334 квадратни километри, присуствуваа саудискиот крал Селман бин Абдулазиз ал Сауд, саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман и бројни регионални и меѓународни инвеститори.
Се претпоставува дека по изградбата на „Кидија“, милијардите долари што саудиските државјани ги трошат на забава во странство ќе останат на домашниот пазар, странските инвеститори ќе дојдат во земјата, а тоа подрачје ќе стане популарна туристичка дестинација за посетителите од регионот и од целиот свет.
Првата фаза од проектот би можела да биде готова во 2022 година.
Саудиската новинска агенција СПА (SPA) јави дека претседавачот со извршниот одбор на проектот „Кидија“, Мајкл Ренингер, на свеченоста изјавил дека проектот, со неговите спортски, забавни и културни активности, го чека светла иднина.
Ренингер рече дека ќе работи со истакнати експерти со цел на посетителите и на сите жители на Саудиска Арабија да им се понуди нов вид забава.
Тој додаде дека овој проект е камен-темелник на Визијата за 2030 година. Истакнувајќи дека две третини од населението на Саудиска Арабија го сочинуваат лицата помлади од 35 години, тој рече дека проектот ќе претставува сериозна можност за меѓународните инвеститори поради близината на главниот град.
Тој истакна дека „Кидија“ според површината ќе биде 2,5 пати поголема од „Дизни Ворлд“ (Disney World) во Орландо и дека до 2030 година ќе може да прими 17 милиони посетители.
Освен тоа, се претпоставува дека благодарение на овој проект, ќе бидат отворени околу 57.000 работни места.
Саудискиот престолонаследник Мухамед бин Селман минатата година соопшти дека започнале со работа на проектот „Кидија“, кој ќе биде најголемиот град на забавата, спортот и културата во Саудиска Арабија.